Врз основа на програмата за ран детски развој и планот на нашата градинка, за возрасна група деца 4 до 6 години, денес ја обработуваме темата со наслов:
ЗДРАВА ХРАНА
Цел на активноста
- Одбележување на Светскиот ден на здравата храна, 16 октомври. Стекнување на навики за правилна исхрана и водење на здрав живот.
Потребен материјал:
- Сезонско овошје и зеленчук, сложувалки од слики на разни овошја и зеленчук
Поттикнете го вашето дете да размислува и да ви каже што за него преставува здрава храна. Потсетете го дека во здравата исхрана најмногу е застапено овошјето и зеленчукот, бидејќи се богати со хранливи материи и многу витамини.
Децата многу сакаат да јадат разни грицки и слатки работи. Во ред е да изедат и грицки и слатки работи. Најдете начин да ги балансирате во исхраната.( Пример -Откако вашето дете ќе го изеде зеленчукот или овошјето да добие грицка, чоколадо или бонбона…).
Бидете креативни во сервирањето на храната, тоа ќе го поттикне детето со задоволство да јаде.
Објаснете му на детето дека здравата исхрана е многу корисна и битна за возрасните а најбитна е за децата, бидејки тие треба да растат здраво. Затоа возрасните се договориле да има “Ден на здравата храна“кој ќе не потсетува колку е битно да се храниме здраво.
Поттикнете ја неговата фантазија објаснувајќи му дека неговиот омилен лик или јунак, од приказните, исто така јаде здрава храна. Објаснете му дека зеленчукот е богат со хранливи материи и витамини кои се многу важни за неговиот организам и за неговото правилно растење и развивање.
Од разни слики со овошје или зеленчук може да исечете делови и да направите слагалица која детето ке ја составува. (Слагалицата треба да има најмногу 9-12 делови).
Поттикнете го детето самостојно да црта овошје и зеленчук.
Доколку побара помош помогнете, нацртајте вие а детето нека го обои цртежот.
Доколку имате пластелин, поттикнете го детето да моделира овошје или зеленчук по своја замисла.
Секогаш кога сте во можност ангажирајте го детето да ви помага во подготовката на ручекот, салатата или овошниот сок.
Уживајте во заедничките активности.
ЗАЕДНО ДА УЧИМЕ НИЗ ИГРА.