Воспитна програма

Нашата програма за деца е дизајнирана да биде интерактивно искуство помеѓу занималната, воспитувачот и децата. Таа обезбедува разновидни искуства и исклучителна поддршка на децата во процесот на учење.

При планирањето на воспитно-образовната работа наша цел е да допринесеме за севкупен развој и добробит на детето преку создавање на услови за поттикнување на децата да ги развијат сопствените капацитети, ги прошират искуствата, изградат сознанија за себе си, за светот кој ги опкружува. Значи, наш императив е среќно и задоволно дете кое еден ден ќе израсне во здрава и задоволна личност.

Овој наш императив или целта на воспитно-обрасовната работа ќе ја реализираме преку најразновидни активности во следниве домени:

  • Здравје и моторен развој

    Физичка компетентност и добра физичка кондиција, активно учество во животната средина која ги опкружува, примена на здрави и безбедни практики во секојдневните активности.

  • Социоемоционален развој

    Самодоверба и компетентност во интеракциите со врсниците, способност за разбирање на сопствените емоции, контрола на сопствените чуства, позитивна емоционална состојба, респект и одговорност кон сличностите и различностите во заедницата.

  • Пристап кон учење

    Љубопитност и интерес, иницијативност, упорност и посветеност, креативност и инвентивност, рефлексија и интерпретација.

  • Јазик, комуникација и развој на писменост

    Слушање и разбирање на говорниот јазик, правилно зборување и елоквенција, комуникациски вештини, интерес кон читање книги, развој на способност за писмено изразување, развој на чуство за постоење на културна и јазична различност.

  • Когнитивен развој и стекнување на општи знаења

    Способност за размислување, способност за стекнување и користење на нови информации, способност за решавање на проблеми во согласност со нивниот развоен стадиум.

Домените се меѓусебно испреплетени и представуваат една целина на развој.

Во сите воспитно образовни групи ќе се конкретизираат содржините, целите, стандардите, стратегиите, индикаторите. Воспитно образовната работа се планира и реализира во воспитни групи со деца до 2 години и воспитни групи со деца од 2-6 години.

При работа со деца до 2 годишна возраст поаѓаме од принципот на единство на негата и воспитанието. Процесот на негата и воспитанието ќе се прилагодува кон секое дете и е задолжителна партиципација на возрасните. Играта ќе има централно место во работата со децата како водечка активност низ која децата растат, се развиваат и учат.

Поаѓајки од вака поставените развојни цели, оваа година ќе ги реализираме следните активности:

  • сокривање и откривање на лицето
  • взаемна имитација на детето и возрасниот
  • традиционални игри
  • игри на фрлање и фаќање
  • игри на покажување
  • криенки
  • едноставни налози
  • имитативни игри
  • активности на осознавање на себе си
  • свесно испуштање и фрлање на играчка
  • давање на играчка на барање
  • игри од типот како се сака

Од 18 – 24 месеци покрај горенаведените игри ќе се применуваат и следните активности:

  • заеднички практични активности на детето и возрасниот
  • запознавање со делови на тело и игри пред огледало
  • игри на соработка
  • игри на улоги
  • имитирање криенка

Работата со деца од 2-6 години исто така се одвива во согласност со Програмата за Рано учење и развој од МТСП. Содржините и темите се разработуваат во склад со циклусите во природата, културните одредници на животната средина на детето, према специфичните интереси на децата за појавите и темите кои произлегуваат од непосредното искуство на децата од одредена група. Понудениот курикулум е обнасловен како: „Јас можам, јас умеам, јас знам – помогни ми да тоа го направам сам“.
Курикулумот ги интегрира следните теми: „Ајде да се запознаеме“, „Ајде да ја запознаеме татковината“, „Есента е тука а јас треба да знам“, „Зимата не поврзува и радува“, „Тој чудесен свет“, „Ја сакам земјата го сакам животот“, „Доаѓа лето“. Во нив се имплементирани проектите од МТСП.

Вредно е да се напомене дека нашата програма е отворена и за екстракурикуларни активности.