Врз основа на програмата за ран детски развој и планот на нашата градинка, за возрасна група деца 4 до 6 години, денес ја обработуваме темата со наслов:
ВОЛШЕБНО ОГЛЕДАЛО
Цели на оваа активност се:
- Детето да ги репродуцира основните податоци за себе – име, пол,
возраст; - да го опише својот изглед и да каже што најмногу му се допаѓа
кај него; - да искаже позитивна порака за себе, за свој близок возрасен или своето другарче.
За реализација на оваа активност ќе ви биде потребно:
- Огледало мало и големо,
- хартија за цртање,
- боички по сопствен избор,
- креда.

Преку разговор поттикнете го своето дете да ви ги каже основните податоци за себе: име, пол, возраст… Да се опише како изгледа: каква боја на очите има, каква коса, каква облека носи….Во една кутија ставете огледало нагласете дека е тоа волшебно огледало. Детето нека погледне во кутијата и нека ви опише што видело: каков лик видело во огледалото (тажен или весел лик)? Зошто се чувствува така? Нека ги наброи своите добри и јаки страни, какви вештини има…. Што најмногу му се допаѓа кај него? Можете да се погледнегте и вие и да се опишете и ги искажете своите емоции, своите добри страни, вештини…

Побарајте од детето заедно да се гледате во огледало и тоа вас да ве опише, што му се допаѓа кај вас. Може и некој друг од семесјтвото да се вклучи во играта. Огледалото е „волшебно“ и ги покажува емоциите на сите кои се огледуваат, ги покажува добрите страни на личноста. Доколку некој се чувствува тажно, со правење на смешни гримаси во огледалото вашиот лик ќе се насмее…

Поттикнете го детето да го нацрта својот лик додека се огледува во огледалото. Може директно да црта на огледалото со креда. Детето може да се обиде да го нацрта својот лик на лист хартија со боички по сопствен избор.
Развивајте ја фантазијата на вашето дете. Поттикнете го да се обиде да се нацрта себе си како би сакал да изгледа ( на пример како некој јунак, херој, или некој измислен лик….
Со оваа активност кај детето го развивате правилниот говор како и способноста да знае да споделува информации за себе, споредувајќи се со други деца или возрасни: Пример „Јас сум поголем-а од мојот брат или сестра“, Јас сум помал-а од мама или тато…“ „Мојата коса е кафена и кратка а косата на мама е црна и долга“….
Бидете креативни заедно со детето направете кукли од ракавици и разни материјали, декорирајте ги по своја замисла.
Се надеваме дека ќе уживате во заедничките активности, а Вашето дете ќе се стекне со навика за културно претставување при запознавање со деца и возрасни.
ЗАЕДНО ДА УЧИМЕ НИЗ ИГРА