Сообраќајни превозни средства на копно

Сообраќајни превозни средства на копно

Врз основа на програмата за ран детски развој и планот на нашата градинка, за возрасна група деца 4 до 6 години, денес ја обработуваме темата со наслов:

Сообраќајни превозни средства на копно

Цели на оваа активност се:

  • Запознавање, именување и препознавање на сообраќајни превозни средства на копно и кој управува со нив.
  • Правилно однесување и движење на пешаците при учество во сообраќај.
  • Стекнување сознание за функцијата на семафорот, пешачкиот премин, сообраќајните знаци и сообраќајниот полицаец.

Опис на активноста која можете да ја реализирате заедно со вашите деца кои се на возраст од 4 до 6 години.

Заедно со детето разгледајте ги сликите 01 и 02 за сообраќајни превозни средства (на копно) и поттикнете го да ви ги именува, да ви кажува каде се движат и кој управува со нив.

Разговарајте со детето според слика 03. Поттикнете го да ви опише што гледа на сликата. Објаснете му дека пешаците се движат по тротоар, а малите деца секогаш треба да бидат во придружба на возрасен. Објаснете им дека автомобилите се движат по улица (коловоз).

Разгледајте ја сликата 04 и објаснете ја функцијата на семафорот: За автомобилите семафорот има три бои, а за пешаците семафорот има две бои со нацртано човече. Објаснете им ги боите на семафорите и како функционираат.

Разгледајте ја сликата 05 и објаснете им на децата како и кога сообраќајниот полицаец го регулира сообраќајот.

На слика 06 има сообраќајни знаци. Објаснете му на детето колку се важни сообраќајните знаци. Секој знак покажува некое правило кое треба да се почитува. Кога нема сообраќаен полицаец или семафор, тука се сообраќајните знаци да помогнат во регулирање на сообраќајот).

По завршување на овие активности поттикнете го вашето дете да нацрта и обои превозно средство, семафор, пешачки премин или сообраќаен знак по сопствен избор и замисла.

  • Заедно со детето направете од хартија, амбалажа или некој друг материјал, превозно средство:автомобил,воз, камион, автобус…
  • Направете своја крстосница, семафор, зебра од разен амбалажен материјал, хартија или картон, детето ќе ужива во играта.
  • Доколку имате стари списанија или стари сликовници со слики од превозни средства на копно, исечете ја сликата од превозното средство на неколку дела – направете сложувалка (најмногу до 9 слики). Детето нека ги состави правилно или нека си измисли свое превозно средство составувајќи разни делови.
  • Играјте подвижни игри: патуваме со воз, возиме автомобил, камион автобус… Ставете им разни препреки кои треба да ги заобиколат или да се провлечат…(внимавајте се да биде безбедно и наменето за неговата возраст).

Со реализацијата на овие активности ќе ја поттикнеме и развиеме љубопитноста и креативноста кај детето.

Со овие активности се развива и јакнее ситната и крупната моторика, како и упорноста и истрајноста кај детето.
Се надеваме дека уживавте во заедничките активности, а Вашето дете стекна сознанија за сообраќајот на копно и сообраќајните правила.

Во интерес на Вашето дете е да ги следите нашите објави.

ЗАЕДНО ДА УЧИМЕ НИЗ ИГРА

Идеи за изработки