СЛУШАМЕ МУЗИКА

СЛУШАМЕ МУЗИКА

Целокупната организација на музичкото образование и музичката активност има за цел да влијае врз развитокот на музичките способности на детето. Преку музиката вршиме влијание и врз сестраното формирање на детската личност односно влијаеме и врз естетскиот, етичкиот, умствениот и физичкиот развој.

Музиката има големо влијание и врз развитокот на интелигенцијата и фантазијата, бидејќи светот на музиката, може да се доживее најдобро со богата имагинација.

Нашата денешна активност ќе биде слушање музика или во случајов слушање сериозна музика. Во прилог ќе ви дадам два фрагменти од светската музичка култура:

1. Фредерик Шопен – фрагмент од неговата Etude in F minor, Op. 25 No. 2
која го илустрира инсектот пчела.

2. Камиј Сен Санс – фрагмент од неговата композиција „Карневал на животните“ композиција во која композиторот на духовит начин го опишува животот на животните во зоолошка градина. Во конкретниот пример ќе ја слушаме илустрацијата на водниот свет односно делот од ова дело наречен „Аквариум“.

За оваа активност секако ќе ни биде потребна помош и од родителите. Семејството е првата алка во ланецот на континуираниот развој на детската личност.

При пуштањето на првиот фрагмент им велите дека ќе слушаат музика со која е претставено брмчењето и летањето на пчелките и без никаков коментар оставате да слушаат до крај. При второто пуштање разговарате за пиктуралната фантазмагорија која децата ја создале (или им помагате и ги поттикнувате да ја создадат) при слушањето односно како ги замислуваат пчелките летајќи од цвет на цвет и сл. При третото слушање ги охрабрувате децата да се движат во ритамот на музиката.

Истото го правите и со вториот музички пример. Им кажувате што пуштате, им помагате да створат своја слика за водниот свет (риби, китови, делфини, како се движат низ водата и сл.) и ги охрабрувате да се движат во ритамот на музиката.

Оваа активност има за цел да влијае врз развојот на фантазијата и емоциите кај децата.

Срдечен поздрав до сите! ЈОУДГ „11 Октомври“-Бутел, Скопје

Музички педагог, Александар Зенговски.