Врз основа на програмата за ран детски развој и планот на нашата градинка, за возрасна група деца 3 до 4 години, денес ја обработуваме темата со наслов:
СЕРИЈА СЛИКИ ,, ЈАБОЛКО,,
Цели на оваа активност се:
- Да се развие способноста за слушање, разбирање и доживување на содржината на литературните творби;
- да го поттикнат развојот на говор кај децата;
- збогатување на речникот;
- да се поттикнат децата на говорно изразување.
Потребни материјали:
- Серија слики;
- Готов формат на јаболко;
- Темперни бои;
- Чепкалки за уши;
- Хартија во боја;
- лепак;
Разгледајте ги со Вашето дете илустрациите од приказната и поттикнете го да ви каже и опише што гледа на нив,а потоа прочитајте им ја користејќи ги сликите.
„Јаболко“
Беше доцна есен. Уште одамна од дрвјата беа паднале сите лисја. Само на врвот на една дива јаболкница останало едно,единствено јаболко. Тој есенски ден низ шумата трчаше Зајакот. Дојде до јаболкницата, застана, погледна нагоре и го виде јаболкото. Посака да се заслади со него, но како да го докачи?
-Гра! Гра!Гра!-се смееше Гавранот и му рече:
-Еј, Гавране, зошто ми се смееш? Знаеш ли дека токму сега си добредојден. Те молам, скини ми го тоа јаболко!
Летна гавранот на јаболкницата, се спушти на гранката и го скина јаболкото. Само не успеа да го задржи во клунот, па јаболкото падна на земјата.
-Благодарам Гавране, многу ти благодарам што ми го скина јаболкото-рече Зајакот и тргна да го земе јаболкото. Кога одеднаш како да оживе јаболкото, се заниша и почна да бега.
Зајакот се преплаши од страв, а потоа свати: јаболкото паднало врз Ежот кој свиткан во клопче спиел во сувите лисја под јаболкницата.
-Стој, стој, стој!-викна Зајакот. -каде го носиш јаболкото?
Ежот застана и рече:
-Јаболкото е мое! Јас го дофатив на боцките кога паѓаше од јаболкницата.
Кај нив долета Гавранот и рече:
-Напразно се карате! Ова јаболко е мое, за себе го скинав од високата гранка.
Никако не можеа да се сложат, секој викаше:
-Мое е јаболкото! Мое е јаболкото ! Мое е јаболкото!
Така започна кавгата и борбата: Гавранот го клукна Ежот по нос, Ежот го боцна Зајакот со острите боцки, а Зајакот го клоцна Гавранот. Караницата се слушаше низ целата шума.
А во шумата Мечката беше излегла на последна прошетка,пред да го започне зимскиот сон. Мечката ги слушна нивните гласови и дотрча да разбере зошто се караат.
-Каква е оваа караница?-праша Мечката.
Сите се стрчаа кон неа и рекоа:
-Драга Мецо, во шумата ти си најпаметна. Пресуди правилно, чие е јаболкото?
Мечката се замисли, се почеша зад увото и праша:
-Кој го најде јаболкото?
-Јас,-рече Зајакот.
-Кој го скина јаболкото?-пак праша Мечката.
-Јас,-заграка Гавранот.
-А кој го дофати јаболкото-праша Мечката.
-Јас,-рече Ежот.
Хм,-рече Мечката,-сите сте во право .Секој од вас треба да добие јаболко.
-Но овде има само едно јаболко,а ние сме тројца,-рекоа сите.
Разделете го јаболкото на еднакви делови и секој нека добие по еден дел-рече Мечката.
Зајакот го зеде јаболкото и го раздели на четири еднакви делови. Едел дел и дадоа на мечката зашто правилно пресуди.
Така сите задоволни си заминаа во своите домови, а на Мечката и ветија дека никогаш повеќе нема да се караат.
-Ти благодариме Мецо, -рекоа сите. -Ти ветуваме дека нема повеќе да се караме! Пријатен зимски сон! Кога ќе дојде пролетта, ние ќе те разбудиме.
Откога ке завршите со оваа активност понудете му на Вашето дете да изработите јаболко -печатење со чепкалки за уши. Во прилог потребни материјали и постапка на работа
Слика 1-потребен материјал за работа
Слика 3 – печатење со чепкалки за уши
Слика 4 -печатење со чепкалки за уши
Слика 5 –изпечатеното јаболко залепено на лист во боја
ЗАЕДНО ДА УЧИМЕ НИЗ ИГРА.