Натпревар на младински иницијативи за животна средина и климатски промени

Натпревар на младински иницијативи за животна средина и климатски промени

„Еко Логик“, во рамките на проектот „Охрабрување на децата и младите во Северна Македонија да станат двигатели на промените за намалување на ранливоста на заедниците од климатските промени“, спроведуван од УНИЦЕФ со финансиска поддршка на Шведска во периодот од 25.03.2022 до 20.05.2022 година, организираше Натпревар на младински иницијативи за животна средина и климатски промени. Повикот беше наменет за градинки и воспитувачки кои ја поминале обуката „Искуствено учење и интеграција на концепти од природните науки, животната средина и климатските промени во образовниот систем“ во периодот од 28.06 до 02.07.2021 година со д-р Стјуарт Колхаген, а од нашата установа учествуваа два воспитувачи и тоа:

Ениса Хасиќ и Катерина Равојска

Натпреварот имаше за цел да поддржи пет идејни решенија/младински иницијативи што ќе произлезат од иницијативите на децата од градинките со помош на воспитувачите.

УСПЕАВМЕ! Нашиот проект е избран како еден од петте идејни решенија.

Во рамките на проектот со децата реализиравме разни истражувачки активности во кои беа застапени водата, песокот и земјата. Децата покажаа голем интерес, желба и љубопитност да истражуваат и играат и да ги осознаваат нивните својства: тежина, големина, облик, конзистентност и земјина тежа (гравитација). Заедничката игра и активност ја поттикна тимската работа и договор за начин на вклученост во играта.
Повеќе деца заедно се договараа и откриваа разни можности за игра и забава со водата и песокот. Играта со песок и вода е особено омилена на децата со атипичен развој и тие со задоволство се играат и истовремено се социјализираат и ги развиваат комуникациските вештини.
Поттикнати од нивната желба, повеќе деца истовремено да се вклучени во игра и истражување со водата, песокот и земјата, истражувавме и добивме идеја за изработка на „Воден ѕид“ и „Песочарник“. Со реализирањето на проектот нашата дворна површина се збогати со овие два реквизити. Дека децата со задоволство ги користат се играат и истражуваат покажуваат следните слики.