Улогата на музиката во предучилишните установи е од огромно значење за детскиот развој. Целокупната организација на оваа активност ја има таа цел, не само да влијае врз развитокот на музичките способности на детето, туку и развој на фантазијата, интелигенцијата како и сестрано формирање на детската личност. Преку изучување на детските песнички децата ја развиваат својата интелигенција при обидот да ги меморираат текстот и мелодијата. Ако на истата песна додадеме и ритмички движења тоа допринесува за психофизичкиот развој и координација бидејќи во исто време пеат и играат. Со помош на музицирањето на детските музички инструменти кај децата се развива моториката. Секогаш кога слушаме музика на децата им велиме да створат своја слика за слушнатото а со тоа влијаеме на развојот на фантазијата и емоциите.
Поради својата привлечност музиката може да биде и ефикасен едукативен и терапевтски медиум за деца со посебни образовни потреби. Искуствата покажуваат дека музиката е примамлива и за деца кои тешко комуницираат и влегуваат во интеракција, деца кои не зборуваат а се трудат да пеат и вокализираат, потоа деца кои сакаат да се изразат преку играње, пеење и движење на начини за кои претходно не биле во можност.
Идентификувањето на сопствените чувства можат да бидат предизвик за малите деца како и за децата со посебни образовни потреби а особено за децата кои се во аутистичниот спектар.
Со посебна активност може да им се помогне на децата да ги разбираат своите чувства но и чувствата на другите. За оваа намена може да се користи позната детска песна „Кога си среќен“ која е преведена на скоро сите светски јазици. Истата може да се пее во придружба на пијано, гитара или било кој инструмент или едноставно да се пушти снимена верзија. Со пеење на оваа песна децата во исто време ќе ги развиваат своите вештини за пеење и ќе ги идентификуваат своите чувства. При пеењето на песната зборот среќен може да се замени со друг збор како на пр. тажен, лут, здрав, болен, убав и сл. При секое менување на зборовите би било убаво да се прикажува и соодветно „смајли“ (тажно, луто …) и да им се посочи на децата да се обидат и тие да ја сменат експресијата на своето лице.
Во оваа активност можеме да ги вклучиме и детските инструменти ѕвончиња, триангли, стапчиња, чинели и др. но исто така може и да се импровизира односно да се направат инструменти како теглички полни со песок, конзерви полни со грав и сл. па дури и да ги користиме дланките со кои би ракоплескале и нозете со кои би удирале на подот. Интересно е кога секое дете ќе го одбере својот инструмент и музицира на свој начин. Ги охрабруваме децата да свират различно кога се пее среќен или тажен.
На истата песна го вклучуваме и ритмичкото движење. Ова го правиме со цел да го зголемиме себеизразувањето кај децата. Ги охрабруваме децата да ги изразат емоциите и чувствата и при играњето односно да играат различно за секоја дадена емоција. За оваа цел може да се користат и различни стилови на музика, а после секое слушнато парче ги прашуваме како се чувствуваат и кое најмногу им се допаднало.
Се надевам дека овие предлози ќе бидат корисни во работата со вашето дете.
Музички педагог
Александар Зенговски