Врз основа на програмата за ран детски развој и планот на нашата градинка, за возрасна група деца 4 до 6 години, денес ја обработуваме темата со наслов:
МОИТЕ НОВОГОДИШНИ ЖЕЛБИ
Цели на оваа активност се:
- Поттикнување за самостојно изразување на идеи,желби,потреби.
- Изразување на сопствените доживувања преку ликовен јазик.
- Запознавање со практиките по повод значајни општествени празници.
- Усовршување на фината моторика и зацврстување на латерализацијата или доминантната рака.
- Употреба на умерено темпо при рецитирање на стихотворба.
Потребен материјал:
- Писмо, плик
- Лист хартија
- Прибор за пишување и цртање
- Ножички
- Лепило
- Серија слики
Во домашни услови со вашето дете можете да работите на тема ,,Моите новогодишни желби,,.Активноста ја започнувате со разговор за Новата Година и Дедо Мраз,за нивното значење.
Вие раскажувате ,но сепак оставате простор и детето да каже нешто во врска со темата од своето досегашно искуство.
Следен чекор е детето да ги изрази во цртеж своите Новогодишни желби, му велите да го нацрта она што го посакува во Новата Година, како си ја замислува и како сака да биде.
Можете и да го прашате своето дете што сака да му донесе Дедо Мраз, тоа напишетего на едно ливче на страна, додека детето може да ги испише тие букви на својот цртеж.
Можете и да ја научите стихотворбата „Нова Година“ детето потоа самостојно да ја рецитира.
Нова Година
Дојди Нова Година,
побргу кај нас,
донеси го на гости
сакан Дедо Мраз.
Пакетчиња, играчки,
тој на деца носи,
не го плаши него
Северко што коси.
На самиот крај пофалете го вашето дете за успешната изработка на тема ,,Моите новогодишни желби,, како и за одличното рецитирање на стихотворбата ,,Нова Година,, на тој начин ќе ја зајакнете неговата самодоверба.
ЗАЕДНО ДА УЧИМЕ НИЗ ИГРА