Врз основа на програмата за ран детски развој и планот на нашата градинка, за возрасна група деца 4 до 6 години, денес ја обработуваме темата со наслов:
МОЕТО ИМЕ МОЈОТ СИМБОЛ
Цели на оваа активност се:
- Визуелно препознавање на графичката структура на сопственото име напишано на хартија,
- поврзување на името со одреден симбол,
- развивање на графомоториката.
За реализација на оваа активност ќе ви биде потребно:
- Слика од азбуката,
- хартија за цртање и пишување,
- боички по сопствен избор.
Заедно со детето разгледајте ја азбуката и дадените слики. Покажувајте одредена буква и изговарајте ја заедно со детето. Објаснете му на детето дека буквите ги користиме за да напишеме порака, писмо. Објаснет му на детето дека сите зборови можат да се напишат. Потоа напишете го името на детето на лист хартија именувајќи ги буквите. Поттикнете го детето да ги препознава и именува буквите на своето име. До напишаното име нацртајте симбол (по желба на детето може и само да си нацрта). Препознавајќи го симболот детето ќе го препознае и своето напишано име.
Напишете ги имињата на членовите на вашето семејство. До секое име нацртајте различен симбол. Барајте од детето да ви го покаже листот со име, кое вие ќе го кажете, детето, препознавајки го симболот кој е нацртан до името, треба да ви го покаже лист со името кое го барате. Децата полесно ги помнат симболите, а преку нив ќе ги запомнат и дадените букви.
Преку игра со погодување на симболите и кажување кое име е напишано до дадениот симбол детето ќе научи да ги препознава и именува буквите.
Доколку вашето дете покажува интерес и е поголемо, во почеток, поттикнете го да се обиде да ја напише првата буква од своето име, а потоа и целото име.
Доколку детето знае да именува прва буква од своето име или од имињата на членовите на своето семејство, тогаш може да ја игра играта „На буква, на буква…“ кажи.
Во договор со детето може да кажува разни предмети, животни…. или разни имиња на одредена буква. Пример:
Кажи животно на буква Ж? жаба, жирафа,желка…
На буква С? Слон, срна, свиња, славеј…
Или име на буква М? Марко, Матеј, Марија, Михаил….
Се надеваме дека ќе уживате во заедничките активности, а Вашето дете ќе научи да го препознава своето име кое е графички прикажано. Со постојана подршка и охрабрување детето може и да научи да го пишува своето име.
ЗАЕДНО ДА УЧИМЕ НИЗ ИГРА