Врз основа на програмата за ран детски развој и планот на нашата градинка, за возрасна група деца 4 до 6 години, денес ја обработуваме темата со наслов:
МЕТЕРОЛОШКИ ПОЈАВИ
Цел на активноста
- Воочување и запознавање со најчестите метеоролошки појави (ветер, дожд. облаци, сонце, магла, снег).
- Поврзување на знакот со означената појава.
Потребни материјали:
- Илустрации од метео појави (дожд, ветер, облаци, сонце, магла),
- Тркало со метео знаци,
- Стрелка-хартиена,
- Хартиена чинија,
- Боички, фломастери.
Со децата ќе разговараме за промените на времето, што забележуваат додека се надвор, што се случува со околината, дрвјата, растенијата, небото, сонцето, температурата, луѓето. Дали им е поладно, зошто и каква облека носат сега на нив.
На децата ќе им покажеме илустрации од метео појавите. Истите ќе им ги посочиме и именуваме.
СОНЦЕ
ДОЖД
ГРМОТЕВИЦИ
ВЕТЕР
ОБЛАК
МАГЛА
СНЕГ
Со децата ќе разговарате и ќе им објасните кои од наведените се карактеристични за годишното време есен.
Игра “Мали метеоролози “
За оваа игра со децата треба претходно да изработите тркало со метео знаците. Истите децата можат сами да ги нацртаат по претходно видените илустрации или пак ако сте во можност да им испринтате готов формат, а тие само да ги обојат. Поставете стрелка на средината.
На децата зададете им задолжение да бидат мали “метеоролози” и секој ден да го одбележат денот посочувајќи со стрелката на соодветниот симбол кој одговара на времето дента.
Можете и вие да им дадете усна насока да ви ја посочат одредената метео појава, и да видите дали ќе ја погодат, односно дали ги усвоиле знаењата.
Метеоролошкото тркало можете да го изработите и од хартиена чинија. Поделете ја чинијата како на прикажаната слика, а потоа децата насочете ги во секоја осмина да нацртаат по еден метео знак. Поставете стрелка на средината.
Активноста може да ја надополните со стихотворбата :
“Кап, кап”
Кап, кап, кап
Дождот мрежи плете.
Кап, кап, кап,
Видов едно дете.
Во вирчиња шлапка
со чадорче в рака,
играта на дождот
многу ја сака.
Кап.кап,кап
Со реализација на оваа активност децата преку игра полесно ќе научат да ги препознаваат и именуваат метео појавите.
ЗАЕДНО ДА УЧИМЕ НИЗ ИГРА.