Контрола На Емоции Кај Деца

Контрола На Емоции Кај Деца

Контролата на емоции кај децата и понатаму е жешка тема  и доволно важна што заслужува одвоено разгледување. Концептот е комплексен, со многу компоненти.

Контролата на емоции зависи од следните фактори: животната средина, развојните фази на детето  и темпераментот.

Емотивната интелигенција е нешто што се развива во текот на целиот живот но многу е важно да се почне рано со “практикување/вежбање“ со децата со цел да сватат какви промени настануваат во нив при реагирање на разни ситуации со кои се среќаваат.

Родителите и воспитувачите кои работат со мали деца и деца од предучилишна возраст можат многу да направат по однос на описменувањето на децата за емоциите.

Она што тие можат да направат е да им помогнат на децата:

  • да ги разберат емоциите
  • да контролираат емоциите

Разбирањето на емоциите во себе вклучува: идентификување на емоции, именување на емоции, препознавање на истите кај другите и кај себе, разбирање на правилата за културно прикажување на истите.

Изразувањето на емоциите е важна стратегија за регулацијата на емоциите затоа што го олеснува справувањето со тие чуства а воедно чуствата ни кажуваат што за детето е важно.Не секое чуство е подеднакво важно.

Иако предшколските деца имаат ограничени способности за вербално изразување, родителите и воспитувачите можат да го следат поведението на детето – било да се работи за викање, плачење, повлекување… да го анализираат истото и да ги именуваат чуствата. Чуствата секогаш треба да се именуваат со вистинско име. Тоа би можело да звучи вака:

„Ти си бесна! Брат ти ти ги растури играчките на подот и сега си бесна.“

„Среќна си! За роденден доби торта со твојот омилен лик од цртаните и сега си среќна.“

Контролата на емоцијата е интимно поврзана со чувството на благосостојба, самоефикасност и успешна комуникација.

Потребна е регулација на емоциите кога некој доживува судир помеѓу тоа како се чувствува во даден момент и како треба да се дејствува во одредена ситуација односно

се поставува прашањето како треба да се интервенира да се анулира или намали интензитетот на несаканото чуство.

Единствен начин на кој може да се спречи појава  на несакано чуство е избегнување на ситуации за кои се знае дека ќе се реагира со несакано чуство (невлегување или напуштање на одредена ситуација).Иако детето има добивка во смисла на превенција или сузбивање на несакано чуство, ваквиот маневар го редуцира животниот простор, ги ограничува детските активности и го намалува квалитетот на живеење.

Втор начин на интервенција или дејствување во одредена ситуација кога се доживува несакано чуство е промена на сликата /представата за таа ситуација или објект. Промената би требала да доведе до посакувано чуство или до равнодушност односно до престанок на несаканото чуство. Ова се постигнува со рефокусирање на перцепцијата, меморијата, имагинацијата, вниманието . Пример желбата за нешто (објект, ситуација, особа) може да биде идеализација на нештата па е пожелно неговата перцепција да се насочи кон оние аспекти на објектот/ситуација/личноста кои не му се допаѓаат  и кои предизвикуваат спротивна емоционална реакција (на принцип на басната „Лисицата и киселото грозје).

Како родители и воспитувачи  може да интервенираме со различни сетилни модалитети: визуелни, аудитивни, кинестетички, олфакторни

Друг начин на интервенција е замена на представа со некои други представи кои предизвикуваат спротивно, сакано чуство или представи кои не предизвикуваат никакво чуство. Значи со нова представа се заменуваат старите  а што резултира со престанок или успорување на несаканите престави.Се пренасочува вниманието или концентрацијата од несакани представи кон некои други. Суштината на оваа интервенција се огледа во народниот совет „Мисли на нешто друго!“.

Не е подеднакво лесно за сите деца да ја совладаат самостојната контрола на емоции.

Регулацијата на емоции е под силно влијание на емоционалната клима во семејството, интерактивниот стил на родителите со детето и приврзаноста на родителите со детето.

Родителите влијаат на способноста на децата да ги контролираат својте емоции со поттикнување на емоционално изразување, со тешење на своите деца и зборување за емоциите. Родителите кои се во согласност со своите деца реагираат веднаш штом ќе видат дека нивното дете изразува емоција. Се користи одвлекување внимание за да им се  помогнете да го променат интензитетот на емоциите што ги доживуваат или да се променат во помирна состојба. Родителите, исто така, охрабруваат  усогласеност со културните норми.

Чувствителни родители обезбедуваат физички или проксимален контакт  или вербална реинтерпретација на емотивни ситуации кога нивните деца бараат  поддршка. Тие  даваат предлози, кои децата можат да ги користат  во регулирањето на нивните реакции под стресни услови.  Кога родителите даваат структура и рационално водство во емотивни ситуации тие влијаат врз разбирањето  и регулацијата на емоциите.

Интервенциите за регулација на емоции исто така треба да се фокусираат  на зголемување на позитивните емоции, бидејќи позитивните емоции влијаат на текот и времетраењето на доживувањето на негативните емоции . Зголемувањето на позитивните емоции може да допринесе до дефокусирање на вниманието и размислувањето за негативните емоции. Позитивните емоции нè мотивираат да работиме  да ги одржиме чувствата што тие ги  генерираат. Споделувањето искуства со други ,преку разговор,е  форма на зачувување и

едноставно запомнување на позитивни настани. “Засадување“ на позитивни емоции е во корелација со чувството на задоволство, со оптимизам и со самоконтрола. Позитивно емоциите придонесуваат за еластичност. Кога децата генерираат позитивни емоции може да се опорават од нападите на негативните емоции.Станува збор за афирмација на алтернативна вредност.

Емоциите може да ги преплашат  или потполно да ги преплават децата. Поради тоа е неопходно нивните реакции на дразби да се нормализираат со што ќе им објасниме дека сите ние понекогаш чуствуваме бес, тага или страв. Откога детето ќе се смири потребно е уште еднаш чекор по чекор да се вратиме наназад и накратко сумираме што точно се случило а со посебен акцент на детските чуства (Што те налути?,Каде се случи тоа?, Кој беше вклучен?,Што направи ти во лутина?Колку беше лут/а?Како се чуствуваш откога ти пројде лутината?, Што мислиш дали добро направи? ). Кога тоа ќе го направиме, добро е да му објасниме дека сите ние понекогаш така се чуствуваме, вклучувајки не и нас самите.

Постојат техники за сузбивање на несаканите емоции на ниво на емоционални телесни реакции кои се сведуваат на обиди да се сузбијат телесните емоционални осети и да се предизвикаат спротивни, посакувани осети.Тука спаѓаат:техники на релаксација, масажа,лежење во када со топла вода, земање на омилена храна, сончање…сите овие техники  предизвикуваат во телото пријатни сензации кои се спротивставуваат на непријатните емоционални сензации.

Контролата на емоциите на ниво на акција опфаќа избор на поведение преку кое ќе се изрази емоцијата. Наместо да детето постапува во склад со несаканото чуство потребно е да направи нешто друго.На пример: наместо енергијата од својата лутина  ја насочи кон некој облик на агресивно поведение кон друго дете  би можел да ги среди играчките во својата соба. Цел на алтернативната акција е да ја потроши  енергијата од непријатното чуство или да предизвика некоја друга попосакувана емоционална реакција. Постојат бројни можни алтернативни акции: слушање музика која е во склад со вкусот и културата на детето, цртање, танцување, гледање омилен цртан филм, одење во продавница, возење велосипед,бавење со хоби, ангажирање во корисна работа…

Важно е да се разбере дека целта на регулацијата на емоциите е умереност наместо прекумерна контрола или недоволна контрола, од кои секоја може да предизвика проблеми.

Психолог,
Радослава Спасовска