КОГА ДЕТЕТО Е НАВРЕДЕНО

КОГА ДЕТЕТО Е НАВРЕДЕНО

Случајно бев сведок на еден неубав настан, па решив да кажам збор, два на оваа тема.

КОГА ДЕТЕТО Е НАВРЕДЕНО

Постои голема разлика дали навредата е изречена кон возрасна личност или кон дете, особено кон мало дете.

Возрасните лица имаат оформена слика за себе, изграден идентитет и развиено чувство за лична вредност. И тие се чувствуваат непријатно кога некој ги навредува, но можат да изберат, дали на навредата ќе реагираат со игнорирање, повлекување или со дистанца кон личноста која ги навредува.

За разлика од нив, децата се во процес на градење на својата личност и формирање на чувство за лична вредност. На децата им е потребно да се чувствуваат сакано и прифатено и врз основа на тоа, изградат позитивна слика за себе. Според тоа, навредата упатена кон дете, делува “токсично”.

  • Изолираните случаи на навреда може да бидат толку важни за детето, што ќе ги запомни цел живот, особено ако се кажани пред публика.
  • Колку на детето му е поважна личноста која ја упатува навредата, толку е помоќно делувањето на таа навреда врз детето.

Возрасни, потрудете се во иднина што помалку да ги користите изразите “идиот еден тргај пред мене”, “будало” “мајмуне” и сл. Променете го својот “воспитен стил” на однесување.

Ќе ви кажам и зошто…

Што треба да научат возрасните?

За почеток, да почнат да го разликуваат детето како личност и однесувањето на детето. Навредата “се лепи” на детската личност, а не на нејзиното однесување.

Децата се добри, но нивните постапки не се. Во конфликт, родителот од детето треба да бара тоа да го промени своето однесување а не, негативно да ја етикетира неговата личност.

  • Навредата е знак на презир. Лутината е знак дека некој треба да го промени своето однесување.
  • Презирот е порака до детето дека е безвредно и дека заслужува да биде отфрлено. Додека лутината е порака до саканото дете да го промени своето однесување.

Искарајте го, кажете му каде погрешило и посочете му грешката да не ја повтори во иднина. Но не навредувајте!

За правилен раст и развој на детето му е потребно љубов и дисциплина, додека навредата негативно влијае на детскиот развој и психата, воопшто.

Со почит,

Педагог – Светлана Тодорова

Стручен тим на ЈОУДГ „11 Октомври“, Скопје