Пелтечењето се смета за проблем само ако детето стане свесно за нарушената течност(флуентност) при зборувањето и започне да развива негативни емоции како страв,избегнува да зборува и започне борба за ослободување од тревожноста со која се соочува додека зборува.
Пелтечењето се манифестира само за време на говор во вид на повторување на почетните гласови,слогови и зборови или во вид на запнување во почетокот на говорот и во текот на говорот.Пелтечењето не е едноставно говорно пореметување ,туку синдром на голем број на манифестации на соматски,физиолошки,говорно-јазичен,психолошки и социјален план.
Според Меѓународната класификација на болестите од 1997 година пелтечењето се дефинира како:„Нарушувања на ритамот и темпото на говорот,при што лицето точно знае што сака да каже ,но во исто време е неспособно да го каже поради повторување,продолжување или прекинување на некој глас“.
Како основен проблем се разгледува нарушена врска помеѓу нервни процеси во мозочната кора која резултира со нарушена координација на говорни движења и спазми во мускулите на говорните органи.
Пелтечењето најчесто се јавува на возраст помеѓу 2 и 5 година.Овој период е период на интензивен говорен развој,период во кој се стекнува содржинската страна на говорот(претстави и поими),се совладува артикулацијата на гласовите и граматичките елементи на јазикот и притоа се гради способноста за формирање на реченици за комуникацијата со околината.Доколку се појави,дисфлуентноста на говорот во овој период повеќето деца ја надминуваат со созревањето,поминува само од себе.
Други причини за појава на пелтечење(дисфлуентен говор) накрато може да ги препишеме на :
- генетски предиспозиции;
- траума(преживеан стрес);
- прележани инфекции и други болести;
- имитација на погрешен говорен модел.
Пелтечењето може да биде вродено,стекнато и наследно.
Кај голем број на децата тешкотиите со пелтечење или запирање во говорот се надминуваат со созревање на Централниот Нервен Систем и говорните органи и немаат потреба од работа со стручни лица.Но,за жал има и деца кои ќе се соочат со предизвикот да живеат со пелтечење.
Еве неколку корисни совети и препораки за постапување со цел олеснување на комуникацијата со деца што пелтечат или запираат при зборување:
- Слушајте внимателно,бидете трпеливи и задржувајте контакт со очи;
- Зборувајте полека со бавно темпо и правете чести паузи помеѓу речениците(бидете добар пример за имитација );
- Избегнувајте да го корегирате,прекинувате и критикувате детето ;
- Не ги довршувајте започнатите од него реченици и зборови;
- Минимизирајте го стресот во домот,докажано е дека стресот го влошува говорот кај децата што пелтечат;
- Намалете ги ситуациите во кои детето ќе биде изложено на притисок да продолжи со комуникација ;
- Мотивирајте го вашето дете да зборува и да се чувствува среќно поради тоа;
- Осигурете релаксирана средина исполнета со љубов,разбирање и прифаќање на различностите.
Со наш соодветен однос и подржка можеме да допринесеме до значително намалување на ризиците од развој на несигурност кај детето, страв од зборување,социјална фобија и низа други несакани состојби со кои може да се соочи.Можеме да обезбедиме атмосфера во која детето ќе ги намали ефектите од негативните емоции како срамот и фрустрацијата што се јавуваат поради неможността од искажување и лично претставување.
Практикувајте да го охрабрувате и мотивирате детето да продолжи да зборува со следниве фрази:
- Пробај пак!
- Направи како мене!
- Ајде од почеток!
- Ти можеш да го направиш,само биди трпелив!
- Немој да се грижиш и да не успееш,ајде пробај пак!
Методиките за корекција на пелтечењето во поголем дел се создадени за деца од училиштна возраст и возрастни.Терапија на пелтечење кај малите деца не се препорачува поради развојни особености на децата од предучилиштна возраст:
- децата потешко или воопшто не се влијаат од логопедските и психо-терапевтските дејствувања.Различни форми на логопедска терапија и психотерапија вклучуваат разни техники (пр.релаксација-автоген тренинг,вежби за дишење…) кој е недостапен за мали деца
- сеуште не е формирана во целост регулацијата на говорната активност и не е созреана ниту насочената саморегулација поради кое од детето не се очекува квалитетна контрола врз собствениот говор.
Доволно би било на оваа возраст да посветиме внимание и да работиме на развој на:насочено внимание,развој на општата,оралната и манипулативната моторика,збогатување на речникот и создавање на навики за граматички правилно оформување на реченицте,воспитување на музикален осет.Со ова децата ќе се стекнат со квалитетни знаења и навики неопходни за надминување на пелтечењето.Процесот за надминување на пелтечењето може да е долг и тежок ,па одтаму и потребата за превземање на превентивни мерки уште со самата појава на пелтечење.
Ве охрабрувам да не контактирате доколку вашето дете се напрегнува и има зголемен тремор во пределот на лицето и оралната мускулатура и продолжува со пелтечење или застој во говорот по-долго од 6 месеци,имате историја на говорни пореметувања во фамилија,а со цел изработка на Индивидуален план за подршка на семејството и детето со говорни потешкотии што може да има клучна улога во превенција и намалување на негативните ефекти од сосотојбата и да го намали ризикот од развој на негативни емоции кои можат да влијаат врз психо-социјалното функционирање на детето и можат да доведат до социјална фобија и намалена можност за вклопување во општественото опкружување.
Логопед Даниела Ц.Тодева
e-mail : [email protected]