Врз основа на програмата за ран детски развој и планот на нашата градинка, за возрасна група деца 3 до 4 години, денес ја обработуваме темата со наслов:
ЧОРАПИТЕ НА МЕДО
Цели на оваа активност се:
- Развој на способноста за слушање и разбирање на говорниот јазик преку читање на литературна драмска творба.
- Идентифицирање со главниот јунак во приказната, преземање на иницијатива и самостојност во ликовното изразување и правилно користење на ликовниот материјал.
Потребен материјал:
- Илустрации со драмски текст од книгата на О. Синадиновска
- Изготвени модели на чорапи на А4 формат хартија
- Фломастери
- Зелен материјал
- Ножички, црвен конец и апликација по можност
- Врвка, чорапи и штипки
Активноста ја започнуваме со разговор со децата за деновите во седмицата.
Дали носат чорапчиња, на колку време облекуваме нови чорапи? Разговараме за одржување на хигиената на телото дека треба секој ден да ја менуваме долната облека и да ги менуваме чорапите.
Потоа преминуваме на читање на приказната „Чорапите на Медо“ од О. Синадиновска.
Заедно со детето ќе ја читате внимателно приказната. Потоа ќе разговараме за тоа што се случува во неа, зошто медо имал седум пара чорапи. Кој му ги сплел и зошто?
Потоа може да преминете на реализација на активностите подолу.
ПРВА АКТИВНОСТ
Можете да земете една врвка да ја врзете на две столчиња и да му ги донесете чорапите на детето, а тоа со штипки да ги закачува, а потоа да ги броите до седум и да ги именувате деновите во седмицата. (верувам дека ќе му биде интересна оваа активност на детето).
ВТОРА АКТИВНОСТ
Да нацртате контури на чорапа или повеќе чорапи а детето да ги украсува и бои со фломастер по сопствен избор.
Можете да земете материјал во една боја, да направите модел на чорапа со поголема форма, материјалот ќе го превиткате дупло за формата да ја имате два пати, со поголема игла и дебел црвен конец зашијте ги двете страни движејќи се по надворешната линија.
Ќе добиете украсен чорап кој може да го декорирате со некој Дедо Мраз, Снешко, Снегулки…. Нека биде по избор на детето.
Ќе добиете нешто слично како на оваа слика.
Верувам дека децата со задоволство ќе ја слушаат приказната за Медо, а со уште поголемо внимание и задоволство ќе ги изведете активностите заедно.
Ви посакувам успешна активност и среќни претстојни празници.
ЗАЕДНО ДА УЧИМЕ НИЗ ИГРА