Модерниот начин на живеење, се поголемата употреба на интернет технологиите и нивното влијание врз развојот на децата како и демографските промени во светот и кај нас ја наметнуваат потребата од изучување на повеќе од еден јазик. Статистиките покажуваат дека повеќето земји во светот се мултијазични што значи изучувањето на два или повеќе јазици е сосема нормално и има многу предности.
Билингвизмот(двојазичността) претставува појава во која детето истовремено усвојува два јазика. Разликуваме ран билингвизам кога детето од самото раѓање е изложено на два јазика (во семејство во кои родителите се од различни говорни подрачја) и доцен билингвизам кога со изучување со втор јазик ќе се започне по 4 година со поаѓање на детето во градинка или училиште. Широко е распространето мислењето дека детето треба прво во целост да совлада еден јазик(мајчиниот јазик) пред да започне со усвојување на друг јазик, но природниот билингвизам подразбира дека во семејството се употребуваат два јазика истовремено што му овозможува на детето усвојување на двата јазика истовремено.
Двојазичноста не претставува само предност во смисла дека детето знае повеќе јазици, во поширока смисла билингвалните деца ги прошируваат и зајакнуваат и умствените способности.
Бројни студии докажуваат дека воведувањето на втор јазик од најмала возраст на детето му помага да стане повешто во разни говорно-јазични способности, носи бројни придобивки за севкупниот развој на детето со особен акцент на социјалниот развој како и когнитивниот развој. Со подобрување на когнитивните(умствените) способности децата полесно разрешуваат проблемски ситуации, полесно учат во процесот на школување, имаат подобра памет и внимание, подобри имитативни способности, полесно остваруваат комуникација со врсниците и пошироката општествена заедница. Исто така е докажано дека полесно учат нови зборчиња, песнички и побрзо го генерализираат наученото и го ставаат во функција.
Во една фаза во процесот на изучување на двата јазика ќе дојде до мешање на јазиците(јазична интерференција-фонолошкиот, семантичниот и синтаксичкиот состав на едниот јазик ќе се меша во составот на другиот јазик), комбинирање на зборчиња од двата јазика во една реченица ама со време оваа појава ќе се надмине и ќе дојде до појава на јазична назависност – способност двата јазика да не се мешаат, да се употребуваат одвоено и со леснотија да се преминува од еден на друг јазик.
Еве неколку препораки доколку како родители/старатели сте решиле вашето дете да усвојува повеќе јазици:
- држете ги јазиците одвоени- т.с. едниот родител/старател да зборува на едниот јазик ,а другиот на другиот јазик „ЕДЕН РОДИТЕЛ-ЕДЕН ЈАЗИК“
- избегнувајте наизменично да зборувате на двата јазика и да ги комбинирате во еден пред вашето дете затоа што ваков вид на недоследност ќе го збуни детето и тоа нема да може да научи кои зборови од кој јазик се
- осигурете барем еден од родителите/старателите да комуницира секојдневно на јазикот што ќе го изучува детето во училиште, овозможете му на детето да следи едукативни емисии на тој јазик, да играте игри како и изучување на песни и да е во комуникација со деца и на тој начин ќе е во поприродно опкружување на јазикот.
- прилагодете ги вашите реченици и прашања на возраста на детето и неговите можности користете кратки јасни искази со постепено збогатување на фондот на зборчиња во опис на предметите, појавите и нивните својства.
За некои деца со задоцнет говорно-јазичен развој изучувањето дури и на еден јазик може да е предизвик. Во вакви случаи би Ви препорачала во соработка со логопедот на детето да решите за понатамошните можности за изучување на втор јазик или доколку Ви препорача логопедот прво да се усвои само еден јазик и да се формира база на мајчиниот јазик или на јазикот на кој детето ќе продолжи да се школува да соработувате и да направите конкретен логопедски план кој ќе одговори на потребите и можностите на самото дете.
И треба да запомниме дека изучувањето на два или повеќе јазици од најмала возраст за детето не претставува никаква тешкотија тоа ги усвојува јазиците без вложување на сила, ги усвојува на несвесни ниво, а со соодветен пристап од страна на родителите/старателите како и нас стручните инволвирани лица во одгледување на детето преку создавање на стимулирачка и ефективна средина, квалитетна и ентузијастичка комуникација и со желба да го мотивираме детето може да му го олесниме процесот на усвојувања на јазиците.
Логопед Даниела Ц. Тодева